Алкалоид и Охрид го почнуваат својот европски пат

По Пелистер, Вардар и Тиквеш, денеска својот настап во европските купови го почнуваат уште два македонски претставника - Алкалоид и Охрид. Двата тима се натпреваруваат во ЕХФ Европскиот куп, а вечерва играат на домашен терен, од 19 часот и ќе се обидат да остварат што подобар резултат во пресрет на реванш дуелите на гости.

Алкалоид во Автокоманда го пречекува литванскиот претставник Драгунас Клаипеда, актуелен вицешампион, но и лидер на табелата во домашното првенство иако тоа не е реален одраз на квалитетот затоа што има два меча повеќе од конкурентите. Нашиот тим е апсолутен фаворит за триумф на овој меч, но тренерот Кирил Лазаров истакна дека нема да ги оптоварува своите играчи со гол-разликата, туку бара од нив да одиграат на ниво и убаво за око.

„Драгунас Клаипеда игра во висок ритам, со многу трчање и многу голови. Ние сме цврсто на земја заедно со играчите, добро се подготвуваме и можам да ветам дека нема да го потцениме противникот. Очекувам квалитетен меч, убав ракомет за око. Испраќам покана до навивачите, да дојдат во салата Автокоманда и да бидат поддршка на овој млад македонски тим“, рече Лазаров.

Екипата од Автокоманда фантастично ја почна новата сезона и во домашното првенство е на чело на табелата како единствена со максимален ефект по седум одиграни кола.

Во рамките на второто коло од ЕХФ Европскиот куп, Охрид во „Билјанини извори“ го пречекува романскиот тим Турда. Минатата сезона Турда ја заврши на четвртото место во домашното првенство, но во моментов е на втората позиција, зад неприкосновениот Динамо Букурешт, со биланс 7/1. За Охрид ова ќе биде прв натпревар на европска сцена по пауза од седум години.

„Турда е една од водечките екипи во романското првенство, екипа составена од голем број на романски и репрезентативци од други земји. Имаме доста сознанија за противникот, добивме доста видео материјали со кои се подготвуваме, работиме како за секој натпревар. Овие се натпревари кои се играат во две полувремиња. Во Охрид ќе се одигра само првото полувреме. Се надевам дека од двете полувремиња ние ќе излеземе како победници“, изјави тренерот на Охрид, Стевче Алушовски.

Охриѓани до минатата недела беа на делба на првото место во домашното првенство со Алкалоид, но загубија од Пелистер и сега се со ист биланс како Вардар и актуелниот шампион.