Роналдо не е така убиствен како што се прикажува- последните четири гола за Ал Наср му се од пенал

На 39 години, Кристијано Роналдо се уште е активен во фудбалот и тоа е голем подвиг со оглед на фактот што нема многу играчи од неговата генерација кои се уште се професионалци.

Во февруари ќе влезе во петтата деценија во животот, а од 2023 година е во првенството на Саудиска Арабија, во тимот на Ал Наср. Иако се уште не освоил ниеден трофеј со овој тим, јасно е дека брка 1.000 гола и можно е да ја оствари својата цел за година-две.

Во моментов тој се наоѓа на третото место на листата на стрелците во саудиското првенство, но не затоа што е ефикасен како порано, туку поради пеналите кои ги добива неговиот тим. Всушност, последните четири гола во дресот на Ал Наср, португалскиот ас ги постигна од белата точка, вклучувајќи го и вчерашниот за победа на гости против Ал Шабаб. Од истата позиција и на претходните три дуели, против Ал Орубах, Ал Вехда и Ал Етифак во дуелите во кои неговиот тим победуваше.

Последниот гол од игра, Роналдо го постигна пред безмалку два месеца, на 27 август против Ал Фехја кога Ал Наср како гостин славеше со 4-1.