„Вечните“ ривали во македонската кошарка повторно на мегдан
Од 18 часот во Кале, тимот од Градски парк го пречекува актуелниот шампион во 166. меѓусебна пресметка. Работнички влегува во мечот како ко-лидер на табелата, без пораз, додека МЗТ Скопје минатата недела загуби на гостувањето кај Пелистер.
Освен тој неуспех, актуелниот шампион сезонава загуби и од Цедевита Јуниор во АБА 2, но тимот имаше една недела да се консолидира, да се одмори и да се подготви за можеби последниот тежок дуел во првиот дел од сезоната, кога станува збор за домашното првенство. Зад Работнички е турбулентен период во кој прво се соочи со финансиски проблеми, потоа со заминување на двајца важни странски кошаркари и на крајот убедливи порази во АБА 2 лигата. И покрај тоа, триумфираше во првите две кола од домашниот шампионат иако е јасно дека претходните противници Феникс и Шкупи се далеку од нивото на МЗТ Скопје.
Последните години МЗТ Скопје апсолутно доминира во дуелите со својот градски ривал. На последните десет меѓусебни пресметки, Работнички оствари само една победа и тоа минатата сезона како гостин, во салата „Назависна Македонија“ во Кисела Вода. На домашен терен, 15-кратниот шампион не победил од 1 ноември 2020 година. Денешниот дуел доаѓа шест недели по пресметката на турнирот во организација на ТФТ кога МЗТ Скопје дојде до убедлив триумф од 67-52. Кога станува збор за вкупниот биланс, денешниот меч е вкупно 166. меѓу Работнички и МЗТ Скопје, а тимот од Градски парк води со 92-73.
Денеска се игра и првото чаирско прволигашко дерби меѓу екипите на Чаир и Шкупи кое се игра вечерва од 19 часот во салата „Шабан Трстена“. Интересно е што тоа ќе биде пресметка на лидерот со последнопласираниот тим на табелата.
ДВОЈКИ ЗА 3. КОЛО
ДЕНЕСКА
ТФТ - Кожув 13:30
Вардар - Феникс 16:00
Работнички - МЗТ Скопје 18:00
Тиквеш - Гостивар 18:00
Чаир - Шкупи 19:00
УТРЕ
Пелистер - МКК Куманово 19:00