Модриќ пред нов рекорд - вечерва треба да стане највозрасен играч во историјата на Реал

Актуелниот шпански шампион Реал вечерва од 21 часот гостува кај Селта, а натпреварот би можел да биде од историски карактер.

Во центарот на вниманието е хрватската легенда Лука Модриќ кој ако се појави на теренот ќе стане највозрасен играч во 122-годишното постоење на „кралскиот клуб“. Плејмејкерот би играл со 39 години и 41 ден и би го соборил рекордот на Ференц Пушкаш кој важи веќе 58 години. Поранешниот фудбалер на Реал во 1966 година играше со 39 години и 36 дена.

Лука Модриќ ја игра 13. сезона во белиот дрес и покрај тоа што освои се што можеше, сега е капитен на тимот. Дури и да не заигра вечерва, нема сомнение дека наскоро ќе го собори рекордот бидејќи сезоната е во почетна фаза, а тренерот Карло Анчелоти сериозно смета на него.