АЕК бара да има реванш: Сакаме само исти услови за двата тима

По вчерашната реакција на ЕХФ која истакна дека е отворена истрага против Алкалоид и АЕК, денеска со соопштение се огласи грчкиот клуб.

Од АЕК велат дека целиот процес бил далеку од фер, со низа нерегуларности што, според нив, директно влијаеле врз резултатот и нарушиле спортската еднаквост.

„Се бориме за достоинството на АЕК, за честа на грчкиот ракомет и за принципите на фер-плеј. Не бараме ништо повеќе од еднакви услови за двата тима, како што доликува на едно европско финале“, порачуваат од клубот.

Најсериозниот проблем, според АЕК, е забраната за влез на грчки државјани во Македонија Од клубот тврдат дека со тоа биле дискриминирани нивните навивачи, а атмосферата на натпреварот станала непријателска и еднострано наклонета. Исто така во соопштението додаваат  дека во Атина се било организирано на највисоко ниво, но и потсетуваат дека тие го органзиирале „фајнл-форот“ во Евролигата со навивачи од четири земји и се поминало без проблеми.

„Зошто не се почитуваше правилото 90-10 на ЕХФ? Зошто на нашите навивачи им беа доделени само 200 билети, а салата беше полна со повеќе од 6.000 домашни фанови? Кој ќе ја оправда блокадата на границите за легален влез на грчки граѓани без постоечка забрана за патување?“, прашуваат од АЕК.

Својата реакција АЕК ја завршува својата со недвосмислено барање: натпреварот да се одигра повторно, под исти услови и во согласност со сите регулативи на Европската ракометна федерација.