Вардар рутински се пласира на завршниот турнир од Купот на Македонија!

Ракометарите на Вардар очекувано се најдоа меѓу четирите екипи кои ќе се борат за трофејот во Купот на Македонија, откако вечерва лесно и убедливо го совладаа Голден Арт (32-23) во финалето на четврт-финалната група што се играше во „Јане Сандански“.

Тоа беше само рутинска задача за црвено-белите, кои уште во првото полувреме дојдоа до предност која им осигура мирен финиш (17-9). Најефикасен во победничкиот состав беше Стефан Петриќ со девет голови, уште осум додаде Родригез Хансер, додека во тимот на Голден Арт најдобри беа Шилегов и Јанковски со по пет погодоци.

Синоќа пласман на завршниот турнир обезбедија Еурофарм Пелистер и Тиквеш, а последниот патник ќе го даде вечерашниот дуел меѓу Алкалоид и Бутел. Трофејот во ова натпреварување го брани токму Вардар.