Вардар мисли на иднината, кадетски репрезентативец доби долг договор!
Вардар информира за младо засилување на левата бековска позиција.
„На наше огромно задоволство, денес, успеавме да го обезбедиме потписот на кадетскиот репрезентативец Марко Ѓорчески, кој во иднина ќе го носи дресот на РК Вардар 1961 и ќе му се приклучи на првиот тим.
Ѓорчески настапува на левата бековска позиција и ги покрива централните позиции во одбраната. Тој е дел од кадетската репрезентација на Македонија и беше еден од најдобрите играчи во генерацијата која го освои училишното првенство кое неодамна се одржа токму во нашата држава.
Својата кариера ја започна во академија Алушовски, а потоа беше дел од Металург, Скопје, Голден Арт и Пролет“, стои во соопштението на Вардар.
Младиот ракометар е среќен што ќе биде дел од првиот тим на Вардар.
„За мене е особена чест и задоволство што станав дел од РК Вардар. Ова е сон на секој млад ракометар. Вардар е голем клуб со богата традиција и високи амбиции. Ќе дадам се од себе за да ја оправдам довербата на клубот, тренерите и навивачите. Со нетрпение го очекувам стартот на новата сезона, за мој максимален придонес за успесите на тимот”, изјави Ѓорчески.