Франција со половина сили против „вториот' тим на Норвешка, Сенегал му даде пет на Ирак (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Франција со максимален ефект ја заврши групната фаза од Светското првенство откако вечерва, во последното коло ја совлада Норвешка со 4-1.

Селекторот на скандинавците Стале Солбакен одлучи на овој меч да игра без ниеден од стартната постава од претходните натпревари, па од клупата, натпреварот го изгледаа и Халанд и Одегард и Серлот и останатите, а „триколорите“ го искористија тоа за да дојдат до лесна победа.

Херој на вечерта беше освојувачот на Златната топка за 2025 година Усман Дембеле кој во првото полувреме комплетираше хет-трик откако погоди во седмата, 25. и 32. минута. Меѓу неговиот втор и трет гол, Асгард го постигна почесниот за Норвешка. На стартот од второто полувреме, Норвежаните имаа можност да намалат на 2-3, но Ларсен очајно го изведе пеналот и неговиот шут беше лесен плен за Мајк Мењан. Во судиското продолжение, Дуе го постави конечниот резултат.

Со оваа победа Франција го обезбеди првото место во групата и ќе го очекува својот противник од некоја од најдобрите третопласирани репрезентации. Норвешка, пак, во 1/16-финалето ќе се сретне со Брегот на Слоновата Коска.

Во вториот меч вечерва, Сенегал ја оствари првата победа на Мундијалот, совладувајќи го Ирак со 5-0. Диара го постигна единствениот гол во првото полувреме, а во второто погодија уште Сар, два пати Геје и Ндиаје. Со петте постигнати гола, Сенегал драстично си ги зголеми шансите да заврши како една од најдобрите третопласирани селекции и да обезбеди место во нокаут фазата.