Шампионот ќе претрпи измени: Петмина ракометари си заминуваат од Пелистер

Еден ден по освоената шампионска титула, Ракометниот клуб Пелистер ја одржа завршната церемонија со која официјално стави крај на уште една успешна сезона.

Битолчани направија хет-трик во домашното првенство, во Купот стигнаа до финалето, а во Лигата на шампионите за малку не се пласираа во плејофот што ќе остане задача за идната натпреварувачка кампања. До нејзиниот почеток, екипата ќе претрпи ремонт бидејќи си заминуваат најмалку петмина ракометари на кои им истекоа договорите.

Станува збор за Урош Борзаш, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костески, Мохамед Шабиб Мамдух и Павле Петровиќ на кои клубот им се заблагодари за професионалноста и ангажманот и им посака успех во следните предизвици. Не е исклучено да си замине уште некој, со дел од ракометарите се продолжени договорите, ќе има и неколку засилувања, со цел екипата да ја дочека новата сезона освежена и посилна.