Алкалоид во еден ден промовира дури седум нови засилувања за следната сезона!

Екипата на Алкалоид денеска официјално промовира седум нови засилувања, јасно ставајќи до знаење дека останува верен на својата стратегија – тим базиран на македонски ракометари со силен развоен потенцијал.

Според луѓето од таборот на „фармацевтите“, новите имиња доаѓаат со цел да го засилат тимот и на домашната и на европската сцена, а многумина од нив веќе се дел од репрезентативните селекции. Меѓу најзвучните имиња е репрезентативецот Ненад Костески, кој од следната сезона ќе игра заедно со својот брат Никола Костески, кој веќе е дел од тимот од Автокоманда.

На левата бековска позиција пристигнува уште еден стружанец – Емилијан Ѓорговски (22), младински репрезентативец и еден од најголемите потенцијали на својата позиција. Михаил Аларов, пак, е пивот со солидно искуство во домашното првенство и настапи за репрезентацијата, како ракометар кој подеднакво добро се снаоѓа и во одбраната и во нападот.

По една сезона мината во српскиот тим Дубочица, Михаил Иваноски се враќа во Алкалоид, додека голманското трио ќе го комплетира младиот Ѓорѓи Николовски – израснат во младинските категории на клубот и во Мулти Есенс.

На позицијата лево крило доаѓа Давид Трајкоски, млад играч од РК Прилеп со искуство во Суперлигата, а како единствено засилување од странство, на лев бек е ангажиран српскиот репрезентативец Урош Борзаш. Се работи за бек-шутер со богато искуство и докажани квалитети, кој се очекува брзо да се вклопи во системот на игра на Алкалоид.