„Лудиот“ газда на ПАО: И да го имавме Џордан немаше да ни дадат да бидеме прваци!

Екипата на Олимпијакос го освои шампионскиот трофеј во грчкото кошаркарско првенство, победувајќи го својот најголем ривал Панатинаикос во синоќешниот четврти меч од финалната серија (3-1).

Спортскиот успех, сепак, беше засенет од серија контроверзии, обвинувања и јавни истапи, особено од страна на првиот човек на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос. Финалната серија помеѓу двата најголеми грчки клуба беше обележана со тензии и инциденти, а ситуацијата дополнително се влоши по нејзиниот крај. Јанакопулос на социјалните мрежи прво се извини на навивачите поради, како што ја нарече, неуспешна сезона, во која клубот освои само домашен куп, но потоа упати сериозни критики на сметка на судиите, системот и државата.

„Минатата сезона реков дека ќе направам тим што ќе може да ги победи и судиите и успеавме – ја освоивме Евролигата и се вративме од негатива од 0-2 за да ја освоиме грчката титула. Но, по сè што видов оваа година, морам да направам тим што ќе ги победи и ривалот и судиите и државата. За жал, немам буџет за тоа. Никој го нема. Дури и да го донесев Мајкл Џордан, немаше да победиме во ваков систем“, изјави Јанакопулос.

Тој додаде дека сето тоа што се случувало околу Панатинаикос има политичка позадина.

„Паметните ќе разберат. Кога постои конфликт меѓу Владата и Олимпијакос, кој има милиони навивачи, потребна е рамнотежа. Ниедна Влада не сака толку многу луѓе против себе. Затоа, на крај, страдаат клубови и луѓе што не направиле ништо лошо“, рече Јанакопулос.

На крајот, тој ја коментираше и радоста на Олимпијакос по победата:

„Слушнав дека велат дека ова им е најубавата титула. Јас би рекол дека ова е највалканата титула што ја освоиле. И така мисли 95-отсто од Грција“, заврши Јанакопулос.