Двојна добивка за Ѓоковиќ, заработи и пари и - бодови

Новак Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето на Мастерсот во Индијан Велс со победа над Александар Ковачевиќ - што му донесе убава сума пари.

Првиот Мастерс во сезоната е познат како еден од најбогатите на АТП турнејата. Вкупниот награден фонд за оваа сезона е 9.415.725 долари. Според официјалната распределба, за учество во осминафиналето се добиваат 105.720 долари - колку што заработи Ѓоковиќ со денешната победа над Ковачевиќ.

Пласманот во четвртфиналето е награден со 193.645 долари, полуфиналето со 340.190 долари, финалето со 612.340 долари - додека шампионот има право на 1.151.380 долари.

Но, со денешниот триумф во калифорниската пустина, Ѓоковиќ не само што го зголеми салдото на банкарската сметка, туку и на АТП ранг листата. Пласманот во осминафиналето нормално носи 100 поени. Со оглед на тоа што Новак одбрани 10 од минатата сезона кога падна на првата пречка - тоа значи дека бројот на неговите поени се зголемил за 90 и до моментов има 5.370.

Не е исклучено, ако стигне далеку во Индијан Велс, Ѓоковиќ да го откаже настапот на Мастерсот во Мајами кој почнува идната недела.