Македонија во Астана брка седма победа во јубилејниот 10-ти меч по ред без пораз!

Македонската фудбалска репрезентација попладнево во Астана ќе ѝ гостува на селекцијата на Казахстан (16 часот) во меч од 4. коло од квалификациите за СП 2026 во кој бркаат победа со која драстично ќе ги зголеми шансите за пласман на едно од првите две места во групата кои носат можност за место на Мундијалот.

Жолто-црвените играат во одлична форма, а денеска може да го заокружат јубилејниот 10-ти меч без пораз во кој ќе се обидат да дојдат до седмата победа во периодот од изминативе 365 дена. Избраниците на селекторот Благоја Милевски последен пат загубија од Чешка (1-2) на пријателска средба одиграна лани речиси во ист ден во Храдец Кралове, по што следуваше низа од шест триумфи и три нерешени средби, меѓу кои се тие со Белгија и Велс, но и со Фарски острови (сите со по 1-1). Во меѓувреме ги победивме Летонија (1-0 и 3-0) и Ерменија (2-0 и 2-0) по двапати како и Лихтенштај (3-0) и Фарско острови (1-0).

Милевски поради суспензија нема да ја води селекцијата од клупата, но се очекува да постави офанзивна тактика со цел да се дојде до цел плен, кој широко ќе ни ги отвори вратите од планетарниот собир. Ова за нас ќе биде втор меѓусебен дуел со Казахстан, кого убедливо го победивме на пријателски меч во Скопје пред ЕП 2021 и тоа со головите на Алиоски, Тричковски, Милан Ристовски и Чурлинов. Голем проблем покрај цврстиот ривал кој тешко прима голови на домашен терен, ќе биде и настапот на вештачка трева.