Симоне е пред потпис со Вардар?!

Ракометниот репрезентативец на Аргентина, Пабло Симоне, иако ова лето потпиша за Сиудад Енкантада, сепак од следната сезона би можел да го носи дресот на македонскиот и европски шампион, екипата на Вардар, пишува „handball100x100“.

Како што наведува ракометниот сајт, тој сакал да игра во Лигата на шампионите, а тоа може да му го овозможи токму Вардар. Дваесет и осумгодишниот ракометар игра на позицијата централен бек, а за репрезентацијата на Аргентина до сега има запишано 90 мечеви. „Црвено-црните“ се мачат да пронајдат квалитетна опција на среден бек по заминувањето на Сташ Скубе, а по неуспешниот обид да се стигне до Португалецот Мертенс сега вниманието е насочено кон аргентинскиот интернационалец.

Инаку, Пабло е две години помлад брат на Диего Симоне кој игра за Монпеље и е далеку попознат во светот на ракометот.