
РФМ ги собра тренерите на конференција за развој на ракометот
На конференцијата се обратија претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, деканот на факултетот за физичко образование спорт и здравје, Ленче Алексовска и претседателот на Здружението на тренери, Гино Стрезовски.
„Идејата за денешниот собир е она што повеќе време го договараме. Нивото на кое сме дојдени од аспект на работа со млади категoрии, а посебно не загрижува делот за женски ракомет. Треба да ги отвориме сите и добри и лоши страни и да се обидеме да најдеме, како може овие сегменети да ги подобриме во иднина. Ние сме свесни дека Македонија е мала земја, која нема којзнае каква економија, но сепак сметам дека со добра организација со едно заедничко тимско работење, на сите оние кои учествуваат во градењето на овој спорт да направиме успеси. Кога дојдовме да раководиме со РФМ, наша интенција беше да ги мамалиме сите трошоци на клубовите, освен во Суперлига, на сите други натпреварувања федерацијата ги покрива трошоците. Една работа се финансисите, друга работа е организацијата, па се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри на ова поле“, изјави Мукаетов.
На конференцијата присуствуваа околу стотина тренери од клубови и ракометни школи од цела Македонија, а специјални предавачи беа селекторот на женската репрезентација, Симе Симовски на тема „Вовед во правилна селекција и тренажен процес кај млади категории“ и асистентот селектор на машката младинска репрезентација Никола Матлиески, на тема „Симбиоза на ракометот помеѓу училишниот спорт и младинските школи во клубовите во функција на напредок на ракометната игра“. Се отвори и слободна дискусија меѓу тренерите и ракометните работници во интерес на изнаоѓање што подобра стратегија за правилно насочување на младите и правилен развој на талентираните ракометари уште од рани години.