
Првпат во историјата, Охрид го освои турнирот во Струга
За охриѓани, ова е прв триумф на турнирот со најголема традиција во Македонија, а е шеста македонска екипа што го крена пехарот по Вардар, Металург, Пелистер, Тутунски комбинат и Тиквеш. Охриѓани беа апсолутно подобар противник во финалето, речиси цел меч беа во водство и заслужено стигнаа до триумфот и до трофејот.
Дарио Ѓукиќ беше најдобар играч на натпреварот постигнувајќи девет гола, шест постигна Иванковиќ, а се истакна и голманот Блажевски со 11 одбрани, една повеќе од својот колега на спротивната страна Трајковски. Во тимот на Бутел, Јаневски постигна седум, а Михајловиќ четири гола.
Во мечот за третото место, кој поради дожд беше преселен во сала и се играше 2х20 минути, Тиквеш ја победи Бурса на пенали со 5-3 откако по основниот дел беше 16-16. За МВП на турнирот беше прогласен ракометарот на Охрид, Анте Иванковиќ.