
Стартна победа на Барса со една голема дамка (ВИДЕО)
„Каталонците“ апсолутно заслужено дојдоа до првите три бода во сезоната, но сепак оставија материјал за злобниците да ја оспорат нивната победа. Особено бурно беше првото полувреме во кое се случија и најважните работи на натпреварот, вклучувајќи два од трите гола.
Резултатот го отвори Рафиња во седмата минута по фантастичната асистенција на Јамал и до средината на полувремето немаше никакви проблеми. Се почна со вториот гол кој во 23. минута го постигна Феран Торес. Неговиот фантастичен удар го засени фактот што во тој момент на тревата лежеше домашниот фудбалер Раиљо кого топката го погоди во глава и тој најверојатно беше потресен од тоа. Се се случи брзо, Феран веројатно не ни забележа дека можеби Раиљо е тешко повреден, а не реагираше ни главниот судија кој не ја прекина играта. Тој момент предизвика многу полемики, а социјалните мрежи прегореа од коментари дека „каталонците“ требало да ја исфрлат топката во аут за да му се укаже помош на фудбалерот на Мајорка.
Петнаесетина минути подоцна домашниот веќе имаше двајца фудбалери помалку бидејќи Морианес за кратко време доби два жолти, а Муриќи за карате старт врз голманот на Барса директен црвен картон. Во такви услови, Барселона немаше потреба многу да запнува, па мирно го приведе мечот кон крајот при што Ламин Јамал во последните секунди го постави конечниот резултат.