Крај на француската бајка: Синер е во ново финале

Најдобриот светски тенисер Јаник Синер ќе ја брани титулата во Синсинати откако вечерва обезбеди пласман во финалето од Мастерсот во овој град.

Италијанецот ја оправда фаворитската улога во дуелот со француската сензација Теренс Атман и го победи со 2-0 (7-6, 6-2) за 87 минути игра. Иако навидум изгледа како убедлива победа, Синер се намачи особено во првиот сет во кој двајцата тенисери не дозволија ниедна брејк топка. 

Во тајбрејкот Синер подобро се снајде, отвори со 3-0 и потоа успеа да го приведе сетот кон крај. Многу полесно му беше во вториот сет во кој направи два брејка и без поголеми проблеми дојде до победата. Со тоа си обезбеди роденденски подарок имајќи предвид дека денеска наполни 24 години.

Во финалето Синер ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Алкараз и Зверев кои се среќаваат вечерва по полноќ.