Пелистер ремизира против Динамо Панчево, па за финале ќе чека услуга од Вардар!

Македонскиот ракометен шампион Пелистер ремизира против Динамо Панчево (24-24) на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид.

Пелистер подобро го отвори мечот и по 10 минути игра имаше водство од 6-4. Динамо Панчево постојано бркаше негатива до завршницата кога битолчани имаа криза во нападот, па српскиот тим го искористи тоа за да замине на полувреме со 13-10.

Динамо Панчево играше добро во првиот дел од второто полувреме кога ја зголеми разликата на пет голови (19-14), но потоа на српскиот тим му се случи истото што и на Пелистер во првиот дел во нападот, а битолчани го искористија тоа за да поведат со 22-21 на четири минути пред крајот.

Битолчани се први во групата со четири бодови, но за место во финалето ќе мора да го чекаат епилогот од дуелот меѓу Тримо Требње и Вардар. Доколку Тримо го победи скопскиот тим, тогаш ќе го преземе првото место, па затоа Пелистер ќе чека услуга од лутиот ривал.