Михајло: Мораше некој од РФМ да ни го додели пехарот, не личи вака!

Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар по 14-ти пат стигна до шампионската титула и ја заврши сезоната со „двојна круна“, но првиот човек на клубот Михајло Михајловски посочи денеска дека Ракометната федерација на Македонија (РФМ) покажала непочитување кон него и кон црвено-црните, зашто никој од федерацијата не дошол да им го додели пехарот.

Вардарци пред два дена се крунисаа за шампиони после победата над Металург, по што го добија шампионскиот пехар од поранешниот македонски репрезентативец Наумче Мојсовски, сега директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Но, според Михајловски пехарот морал да го додели некој од РФМ, дали претседателот или генералниот секретар, не е важно.

„На последниот натпревар со Металург, Наумче Мојсовски ни го додели пехарот. Јас него го сакам и почитувам, и немам ништо против него но мораше некој од РФМ да дојде и да ни го додели пехарот, претседател или генерален секретар. Вардар освоил 14 од 28 првенства досега во историјата на Македонија и тоа е едноставно непочитување кон клубот и кон мене“, рече Михајловски денеска на промоцијата на новиот тренер на вардарци, Веселин Вујовиќ.

Првиот човек на клубот во еден период беше и претседател на РФМ, па посочува дека тој додека бил прв човек на макеоднскиот ракомет не пропуштил да додели пехар и медали, па и кога најлутиот ривал Металург се крунисувал за шампион.

„Јас порано како претседател на РФМ сум доделувал златни медали на Металург, па не сум рекол ништо“, додаде Михајловски.

Михајловски минатото лето се врати во Вардар за да го спаси клубот од тотална пропаст откако рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко се откажа од понатамошно раководење на клубот после седум години откако во 2013 година го презема од Михајловски и потоа во неговата ера беа освоени две европски титули.