Само петмина во светот досега имале двојна улога - и селектор и тренер!

Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација Гоце Седлоски ќе биде шестиот стручњак во светот кој паралелно работи како предводник на тим и на репрезентација.

Пред него низ историјата петмина се нашле во таква улога и секој од нив оставил длабока трага во светскиот фудбал. Станува збор за Ринус Михелс, Леонид Слутски, Фатих Терим, Гус Хидинк и Алекс Фергусон.

Михелс прв се најде во ваква улога уште пред повеќе од половина век. Во 1974 година, додека ја водел Барселона, тој се најде и на чело на холандската репрезентација со која стигна во финалето на Светското првенство во Германија каде загуби од домаќинот. Михелс беше селектор на Холандија и 14 години подоцна кога триумфираше на Европското првенство што се одржа исто така во Германија.

Леонид Слутски е еден од најуспешните руски тренери по распадот на СССР. Од 2009 до 2016 година ја водеше ЦСКА, а последните десет месеци паралелно работеше и како селектор на Русија. За разлика од ЦСКА, Слутски не може да се пофали со големи успеси со руската репрезентација, не успеа да ја однесе на Европското првенство во 2016 година по што се повлече.

Фатих Терим е најзвучно тренерско име во историјата на турскиот фудбал, во својата кариера три пати беше назначуван за селектор на националниот тим, а при последниот, паралелно го водеше и Галатасарај. Тоа се случи во 2013 година, но тогаш страдаше Галатасарај кој поради тоа се најде на 12. место во домашното првенство и Терим мораше да ја напушти репрезентацијата и да остане со клубот.

По примерот на Ринус Михелс, уште еден холандски стручњак во исто време работеше како селектор и како тренер во екипа, но не ја водеше репрезентацијата на својата татковина, туку на Русија. Во 2009 година, додека Хус Худинк беше менаџер на Челси и стигна до она фамозно полуфинале од Лигата на шампионите против Барселона, тој ја предводеше и Русија која ја презеде во 2006 и беше на кормилото до 2010 година.

Најславен во ова друштво секако е Алекс Фергусон кој беше во улога на тренер и селектор во почетната фаза од својата тренерска кариера. Од 1978 до 1986 година го водеше Абердин, а од 1985 до 1986 година беше и селектор на Шкотска. Всушност, тој ја презеде шкотската репрезентација под исклучително драматични услови. Фергусон се наоѓаше во стручниот штаб на Шкотска во квалификациите за Мундијалот во 1986 година кога тогаш селектор Џок Стајн колабираше и почина на 10 септември 1985 година, на мечот на кој Шкотите обезбедија плејоф против Австрија.

Со оглед на тоа што немаше многу време бидејќи плејофот се играше во декември истата година, Фергусон прифатил да ја води Шкотска во двомечот со Австрија на кој неговата репрезентација триумфираше со вкупни 2-0. Така Фергусон ја водеше Шкотска на Светското првенство во Мексико, но откако со само еден освоен бод неговата селекција беше елиминирана во групната фаза, тој поднесе оставка.