Дарко Ѓукиќ го менува Чупиќ во Вардар!

Неодамна излезе веста дека Иван Чупиќ, по пет години, ќе го напушти Вардар и ќе се пресели во ППД Загреб, но не чекавме за да разбереме која ќе биде неговата замена. Во Вардар доаѓа некогашниот ракометар на Металург, Дарко Ѓукиќ.

Вардар нема да остане без квалитетна конкуренција на десно крила, бидејќи 26-годишниот Србин ќе „влезе во патиките“ на Иван Чупиќ. Станува збор за добро познат ракометар на македонската јавност, бидејќи уште на свои 20 години настапуваше во Лигата на шампионите за Металург.

За жал, дојде точно во времето кога клубот од „Автокоманда“ се најде во проблеми, па се ослободи од голем број од ракометарите, па бргу си замина. Сепак, стана јасно дека е квалитетен играч, кога Кјелце ги побара неговите услуги во 2016 година. Таму помина две сезони, а потоа две играше и во Мешков Брест, за лани да се пресели во Спортинг.

Ѓукиќ има и 50-тина натпревари за српската репрезентација, а го паметиме од ЕП 2016, кога Србија беше во група со Македонија, а тој „прогнозираше“ дека Македонија ќе отпадне од групата, затоа што е со најслаб квалитет во конкуренција на Франција, Србија и на Полска. За наша среќа, излезе многу полош типувач, од ракометар.