„Чкембари“ ќе го бојкотираат РК Пелистер до крајот на сезоната (ФОТО)

Ракометарите на Пелистер до крајот на сезона ќе ја немаат гласната поддршка од најверните навивачи, што секако ќе им биде голем проблем во битката за шампионската титула, која ионака не им е баш на дофат до рака по високиот пораз на завчерашното гостување кај директниот ривал Вардар (24-31).

Популарните „Чкембари“ денеска со ново соопштение ја нападнаа управата на битолскиот ракометен суперлигаш, разочарани што не добиле поддршка по инцидентот што се случи во „Јане Сандански“. Не само што не застанале во нивна одбрана, луѓето од зелено-белиот тим во своето видување на настаните се оградија од најагресивните од нивните навивачи (40-50), кои според нив биле пијани индивидуи какви што не му требаат на Пелистер. Ваквиот избор на зборови ги налутија „Чкембари“, кои веднаш најавија бојкот на тимот до крајот на сезоната.

„Пред да нѐ осудевте 40-50 пијани или нешто друго будали, требаше да нѐ контактирате нас, да прашате дечки што се случи. Не, вие за нас завчера бевте недостапни, нејсе не ви се налутивме, иако 22-ца браќа оставивме на милост и немилост во Скопје без можност да им помогнеме бидејќи бевме два часа по завршеток на натпреварот буквално тормозени од специјалните единици. Чкембари не ве чинат годишно ниту една петтина од една месечна плата на скапо платените ѕвезди, кои имаат придонес во клубот рамен на нула. Ние постоиме за вас, а Пелистер е сѐ уште клуб поради нас. Едно сме, вакви грешки во иднина не смеат да се повторат! ОВАА РАКОМЕТНА СЕЗОНА ЗА ЧКЕМБАРИ Е ЗАВРШЕНА“, се вели меѓу другото во соопштението на битолската навивачка група.

Дербито во Скопје почна со инцидент откако по влегувањето во салата битолските навивачи почнаа да фрлаат факли во неутралниот дел од трибините каде што имаше и мали деца, по што на терен влегоа и „Комити“. На крајот од мечот, пак, полицијата почна пресметка со „Чкембари“ во обид да приведе дел од најагресивните членови по нивно мислење.