Најлошиот тим во Серија А ќе го доведе и третиот тренер сезонава?

Раководството на Фиорентина планира уште една тренерска смена сезонава, откако продолжи серијата на лоши резултати, јавуваат италијанските медиуми.

Поради слабиот старт во новата сезона, Фиорентина на 4 ноември го отпушти тренерот Стефано Пиоли. Само три дена подоцна, на клупата седна Паоло Ваноли, но негативната низа не запре. Под водство на Ваноли, клубот во седум натпревари забележа само една победа и тоа минатата недела во Конференциската лига против Динамо Киев (2-1). Во домашното првенство, Фиорентина запиша уште три порази и две ремија.

Минатата недела на домашен терен загубија со 1-2 од Верона, која исто така се наоѓа во зоната за испаѓање. По 15 одиграни кола, Фиорентина е закована на дното на Серија А со само шест бодови и е единствениот тим кој сезонава сè уште нема победа во домашното првенство.

Италијанските медиуми наведуваат дека Ваноли на тренерската клупа на клубот од Фиренца би можел да го наследи Џузепе Јакини (61), кој веќе во два кратки мандати ја водеше Фиорентина.