Зошто Раул не беше со репрезентацијата? Затоа што е голем работник!

Целата македонска репрезентација денеска се појави на свеченото склучување партнерство со Телеком, дури и врвот на Ракометната федерација (РФМ), освен - Раул Гонзалес. Уште еднаш покажа дека е прво работник, а потоа сѐ друго, бидејќи во тоа време се подготвувал за почеток на подготовките со Вардар.

Раул Гонзлес не се појави на денешната прес-конференција, каде што беше целата репрезентација, но има дебела причина за тоа - беше на тренинг со Вардар. Без разлика што најголем дел од екипата е со своите репрезентации, оние што се тука мора да почнат со тренинзи. Вардар имаше фантастична прва полусезона, па ако сака таква да биде и втората не смее да си дозволи пад.

„Мора да бидам задоволен од првиот дел, зашто имавме одлични резултати на сите натпревари, и во СЕХА и во ЛШ сме на прво место во групата и треба да продолжиме да играме како и досега, без притисок, без грешки и да освојуваме бодови. Во СЕХА-лигата мислам дека треба да се спремаме и за фајнл -ор. Во ЛШ сме во многу добра позиција, имаме три бода предност на табелата пред Нант, но сега следат натпревари со Барселона и со Нант и треба да победиме во гости кај едните или другите. Од друга страна следи и Европското првенство и им посакувам на сите здравје, зашто тоа и на нас ни е многу важно. Мора целата екипа да биде во форма и да играме одлично и во осминафинале и во четврт финале во Лигата на шампнионите", вели Раул првиот клупски собир во 2018.

Тој го водеше овој тренинг на екипата, заедно со Александар Царчев, тренерот на голманите, колку да го постави курсот за понатаму, но откако тие ќе заминат за Хрватска, в четврток наутро, ќе преземат кондициските тренери, Марија Лојаница и Даниел Јуришиќ.

Засега во „Јане Сандански“ се тројцата голмани, Штербик, Милиќ и Ѓорѓески, потоа Војводиќ, Македа, Морес, Недановски, како и Абутовиќ и Борозан, кои се повредени, па ќе работат под посебен режим. Наскоро на екипата треба да ѝ се приклучи и Криштопанс, кој има репрезентативни обврски со Латвија до 15 јануари, во квалификациите за СП 2019.

Првиот меч на Варар во пролетната полусезона е на 1 февруари, кај Мешков Брест, а девет дена подоцна ѝ гостува на Барселона во ЛШ.