Талески и официјално ја загуби круната во Германија!

Рајн-Некар левен и официјално е детронизиран од ракометната Бундеслига, по денешното последно, 34. коло.

Рајн-Некар денеска победи против Лајпциг, со 28-25, меѓутоа тие два бода не му значеа ништо, бидејќи Фленсбург не киксна против Гепинген и се промовираше во нов шампион на Германија. Фленсбург победи со 22-20, иако неколку пати во текот на мечот и губеше, сепак не дозволи изненадување и остана на врвот на табелата со 56 бода бода, само еден повеќе од тимот на Филип Талески.

Македонскиот репрезентативец немаше минутажа и остана со нули во својата статистика. Рајн-Некар водеше цела сезона, но во последниве две-три недели трипати потфрли. Загуби од Фуксе Брелин, одигра нерешено со Ерланген и претрпе пораз од Мелзунген, на домашен терен.

Сезоната заврши и за Филип Миркуловски, кој со својот Вецлар заврши на 11. место, откако славеа на гости кај Штутгарт со 36-26. Миркуловски придонесе со еден гол. Конечниот распоред на табелата е Фленсбург, Рајн-Некар, Фуксе Берлин, Магдебург, па дури потоа Кил, на петтото место.