Николов и Адеми ќе играат во плејофот на ЛШ, Елмас продолжува во групите на ЛЕ

Вечерва тројца македонски интернационалци, Бобан Николов (Мол Види), Аријан Адеми (Динамо Загреб) и Елиф Елмас (Фенербахче), имаа шанса да обезбедат пласман во плејофот на Лигата на шампиони (ЛШ), но само на Николов и Адеми им успеа тоа, додека Елмас продолжува во групите од Лигата на Европа (ЛЕ).

Како што се очекуваше пред почетокот на натпреварот, Адеми имаше лесна задача со Динамо Загреб и стигна до победа со 1-0 на „Максимир“ против Астана и така обезбеди пласман во плејофот од ЛШ. Инаку, Адеми го одигра цел натпревар за екипата од Загреб.

Николов одигра 85 минути за унгарски МОЛ Види и го задржа резултатот 0-0, па обезбеди пласман во плејофот поради тоа што имаше постигнато гол на гостувањето во Шведска. Инаку, Данко Лазовиќ имаше можност да постигне гол за победа на домаќините, но промаши пенал во 67. минута.

Елмас заедно со Фенербахче водеше голема битка против Бенфика, но не успеаа да стигнат до победа и пласман во плејофот на ЛШ бидејќи средбата заврши 1-1, а Бенфика гостуваше во Турција со предност од еден гол од првиот дуел (1-0).

Елиф имаше брилијантна шанса кога испрати вистински проектил кон голот на Португалците, но голманот добро интервенираше, по што топката заврши во статива.

Сепак, поразот на Фенербахче не значи и крај за нив на европската сцена бидејќи ги продолжуваат европските авантури во групната фаза од ЛЕ.