„Димитријевиќ е прв фаворит за МВП признанието во ВТБ лигата“

Генералната директорка на ВТБ лигата, Илона Корстин го изнесе своите размислувања во врска со добитникот на наградата за најкорисен играч сезонава.

Според неа, прв фаворит македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој лани беше прогласен за МВП на финалната серија.

„Се разбира, МВП наградата оди кај кошаркар од првопласираниот тим, тоа е наше правило. Сега Уникс е на чело и ако остане таму, тогаш признанието сигурно ќе го освои Димитријевиќ. Ненад има одлична сезона, постигна по 30+ поени во дуелите со директните ривали и е лидер на тимот во најтешките моменти. Ако има некои промени, во конкуренција се Акун-Пурсел од Локомотив Кубан, Винс Хантер од Зенит, како и Каспер Вер и Мело Тримбл од ЦСКА“, изјави Корстин во интервју за Спорт експрес.

До крајот на основниот дел од сезоната во ВТБ лигата има уште три кола, а Уникс има една победа повеќе од ЦСКА со тоа што овие две екипи се среќаваат во последното коло, на 13 април.