„Ибрахимовиќ се закани дека ќе ми ги скрши нозете кога ќе ме види“

Пензионираниот фудбалер Рафаел Ван дер Варт реши за странските медиуми да ја отвори душата и да открие неколку детали од својата кариера.

За почеток, Ван дер Варт зборуваше дека како дете живеел во камп приколка, но не поради тоа што родителите му биле сиромашни, туку затоа што сакал возбудлив начин на живот.

„Пораснав во камп приколка и за мене тоа е нормален живот. Имав преубаво детство. Луѓето мислеа дека таквиот начин на живот е поврзан со сиромаштија, но не е така“, објасни легендарниот фудбалер.

Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид порача дека со Златан Ибрахимовиќ никогаш немал добар однос, откако Швеѓанецот еднаш кажал дека ќе му ги скрши нозете.

„Да, вистина е, ми кажа дека ќе ми ги скрши нозете кога ќе ме види. Но, Златан тоа на сите им го кажуваше. Не беше некој посебен момент кога се карав со него, но едноставно не се сложувавме“, открива Холанѓанецот.