Поранешниот европски првак Олимпик Марсеј загуби синоќа во финалето во Лига Европа од Атлетико Мадрид со 0-3, па навивачите на овој клуб не можеа лесно да го преболат поразот и загубената шанса за нов европски трофеј во првото финале по 1999 година (и тогаш загубија во Купот на УЕФА од Парма).

Илјадници навивачи на Марсеј допатуваа во Лион за да го гледаат во живо финалето на нивниот клуб направија пустош во градот по поразот, па бесот од загубената битка за трофеј го исфрлија кон полицијата. Сериозни судири имаше синоќа во францускиот град, во кој стотици полицајци од специјалните единици се обидуваа со солзавци и употреба на сила да ја смират разулавената толпа.

Навивачите со пиротехника, камења, запалени контејнери рушеа се пред себе. Големи инциденти имаше и во Марсеј, но и во Монте Карло, каде навивачи кои не стигнале до Лион по поразот тргнаа во пресметка со полицијата. Француската полиција објави дека 33 хулигани биле уапсени, а уште 56 пред мечот, кои се обиделе да влезат со фалсификувани влезници.