
Десеткуваната Македонија по реванш во Грузија: Само победа нѐ остава во игра за прво место!
Тешкиот пораз со 0-3 во Скопје во јуни ја прави безмалку невозможна борбата за првото место во групата, зашто за сигурно освојување ни треба денеска победа од четири разлика за да го добиеме меѓусебниот дуел со Грузијците, а после против Бугарија со било каква победа само да го верификуваме. Втората опција е било каква победа после што ќе мора да се надеваме или Гибралтар да нѐ спаси во последното коло (триумф од еден или два разлика) или да ги наполниме Бугарите со двојно повеќе голови од тоа што Грузија би му дала на Гибралтар (триумф од три разлика).
„Ако не веруваме дека можеме, немаше ни да доаѓаме тука. Најважно е ние како ќе функционираме, а тоа треба да биде како тим. Тимот е тој што победува, а не индивидуалецот. Имаме проблеми со повреди од почетокот на овој циклус, принудно менувавме, иако тоа не беше планот. Сѐ додека постојат шанси ние ќе се бориме“, вели Благоја Милевски, селекторот на Македонија.
Македонија е десеткувана вечерва зашто два лидери на теренот недостигаат, капитенот Стефан Ристовски и бескомпромисниот Аријан Адеми, чие искуство е незаменливо, а секогаш нивниот настап носи посебна сигурност на тимот. Дури осуммина на кои во оваа година сметаше Милевски сега ги нема, па мора да крпи на сите страни за да го пронајде вистинскиот баланс и со избор на фудбалери и со вистинска формација, кој може да испорача резултати.
Нереално делува целта да славиме денеска со четири разлика против селекција која е во силен напредок и посебно напалена против нас поради кошмарниот 12 ноември 2020, особено што само еднаш во 30-годишната историја загубиле така убедливо на домашен терен, иако во фудбалот често се случуваат чуда. Македонија во последниве година ипол направи две чуда, во Германија, па во Италија, ќе се обиде да направи и трето. Ако, не успее, ќе се надева на поголемо чудо – Гибралтар да ги сопне Грузијците.
За Македонија денеска најважно ќе биде да победи, без оглед дали на крајот ефектот ќе биде прво место или останување во Ц-дивизијата, зашто ваква победа ќе ја врати и самодовербата, ама и ќе покаже дека мартовската сензација не беше врвот на оваа генерација, особено што од март догодина нѐ чека нов предизвик, битка за ново Европско.