Фазлагиќ: Веруваме дека можеме до прво место, во Грузија да бидеме поконкретни!

Младиот македонски репрезентативец Енис Фазлагиќ (Дунајска Стреда) кој во јуни го запиша дебито за А-тимот, откако се изнаигра во младинските селекции посочи дека без оглед на проблемите, сите во националниот тим веруваат дека во завршните два меча со Грузија во петок и со Бугарија во понеделник може да стигнеме до првото место.

Македонија заостанува три бода зад Грузија после јунскиот пораз со 0-3, па сега македонската репрезентација се подготвува за реванш во Тбилиси и за тоа ќе мора да биде поконкретна и да има максимален пристап за да ја оствари зацртаната це.

„Мора да веруваме дека можеме да бидеме први во групата и реално е тоа да одиме на победа на овие два меча. Знаеме дека Грузија е квалитетен противник и ние мора максимално да се подготвиме и во мечот да влеземе како што треба. Најважно е да освоиме три бода и мислам дека со вистински добар пристап ќе биде сѐ во ред“, вели Фазлагиќ.

Грузија покажа дека е одлична селекција, ја предводи ѕвездата на Наполи, Квича Кваратсхелија, но од македонската селекција се чека одговорот дали може да направи „мало чудо“ и со најмалку иста мерка да им врати на ривалите за јунскиот пораз.

„Тоа што Грузија е прва покажува дека имаат квалитетен тим и дека играат квалитетно. Тоа го потврдија и во Скопје. Но, ние мора да сме максимално фокусирани и да се спремиме за тој меч, ако сакаме да извлечеме победа, а тоа секако дека го сакаме. Мора да сме поконкретни и нормално дека треба да дадеме голови, зашто со голови може да стигнеме до нашата цел“, додава Фазлагиќ.