Гатузо најави заминување од Хајдук и предложи негов наследник

Фудбалерите на Хајдук беа блиску до титулата шампион на Хрватска, но сега се далеку од остварување на сонот. Со три бода помалку од лидерот Риека и два од Динамо Загреб, само вистинско чудо во последните три кола би можело да ги врати во трката за шампионската круна.

Џенаро Гатузо одлично го водеше тимот во текот на сезоната, но послабите резултати во завршницата ги одалечија од титулата. На својата последна прес-конференција, Гатузо сега зборуваше и како да најавува заминување од Сплит.

„Можеби се повторувам, но... Дојдов во овој прекрасен град со насмевка и така ќе си заминам“, изјави Гатузо па продолжи:

„Овие 11 месеци беа тешки. Ќе ми биде жал кога ќе заминам, бидејќи запознав луѓе кои засекогаш ќе останат дел од мојот живот“, искрено зборуваше поранешниот репрезентативец на Италија, кој на оваа позиција пристигна со големи очекувања.

Интересно е што Гатузо и самиот даде предлог кој би можел да биде негов наследник, поранешниот фудбалер на Хајдук, Марио Царевиќ.

„Царевиќ е интересен тренер. Играше за Хајдук и ги знае работите  внатре во клубот. За него можам да кажам само убави зборови. Тој е вистинскиот профил за Хајдук. Морам да кажам и дека неколку тренери во ХНЛ ме изненадија позитивно“, додаде Гатузо.

По се изгледа, Хајдук набрзо ќе влезе во нова ера, без титула и без Гатузо, но можеби со нова надеж под водство на тренер кој го носи духот на „Пољуд“.

 

Фото: HNK Hajduk Split/X