Хамилтон: Со оваа трка се манипулираше (ВИДЕО)

Седумкратниот светски првак Луис Хамилтон, кој вчера во последниот круг во неверојатната драма на „Јас Марина“ во Абу Даби остана без нова и рекордна осма круна, сметал дека има сериозна манипулација за тој да не стане шампион, откако протече снимката од неговата конверзација со тимот на Мерцедес.

Хамилтон беше прв од почеток безмалку до крајот на трката, откако го претекна новиот светски првак Макс Ферстапен на стартот, но избегна казна после судирот при обидот Холанѓанецот да го претекне во првиот круг, откако стујардите проценија дека нема намера и е во жарот на борбата. Но, пет круга пред крајот, откако Николас Латифи заврши во оградата, Ферстапен доби шанса во последниот летечки круг да проба да дојде до титулата, после четири круга со безбедносното возило на патеката.

„Човече, со оваа трка се манипулира“, им рекол Хамилтон на своите тимски шефови, очигледно незадоволен со одлуките на стујардите.

Хамилтон го загуби летечкиот круг зашто во него влезе со гуми со кои возеше 40 кругови, а Ферстапен го искористи безбедносното возило за да стави нови и да проба да победи, што му успеа после четири свиоци од стартот на последниот круг на трката.

Мерцердес упати жалби после трката кои од стујардите беа одбиени поради „толкувањето на безбедносното возоло“, па Ферстапен беше прогласен за шампион, а Мерцедес најави жалба на меѓународен суд.