
Романците се жалат на времето: ФЦСБ го очекува температурен шок во Скопје
Причина за тоа се временските услови кои деновиве владеат во Македонија и особено во главниот град. Живата во термометарот денеска се искачи над 40. степен што е шок дури и за Романците иако и кај нив е прилично жешко.
„И во Романија е топло, но во Скопје температурата овие денови е над 40 степени Целзиусови и тоа е шок за фудбалерите на ФЦСБ. Утре, во времето на одигрување на натпреварот, околу 21 часот, се очекуваат 32 степена, а во текот на денот прогнозата вели дека ќе биде околу 44 степени. Временските услови се причина што атмосферата надвор од градовите во Македонија е пустинска, со многу малку зеленило“, пишува романскиот спортски весник Газета спортулолул.
ФЦСБ вечерва нема да тренира на Градскиот стадион во Скопје, туку во комплексот на ФФМ затоа што најголемиот спортски објект во земјава е зафатен со натпреварувањата на Европскиот младински олимписки фестивал. Тренингот ќе се одржи од 19 часот, а на утрешниот меч се очекуваат околу 50 навивачи од Букурешт.