Во „новата“ сала во Куманово е пекол – уредот за ладење личи на играчка (ФОТО)

Со кошаркарскиот турнир на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) и официјално е отворена реновираната спортска сала во Куманово, која повеќе од една година се „шминка“ и дотерува за што беа потрошени речиси повеќе од еден милион евра.

Првичната слика е добра – сѐ е бојадисано, соблекувалните се модернизирани, но засега главен проблем е немашето адекватна климатизација. Присутните на денешните средби во кошарка на ЕМОФ, меѓу кои беше и кадетската репрезентација на Македонија во машка конкуренција, се жалат дека во салата било - претопло. Африканскиот надворешен бран воопшто не бил „пресретнат“ со модерен систем за ладење, па потењето бил единствен избор за присутните.

На социјалните мрежи се појавија и фотографии од „уредот за ладење“ во вид на надворешен климатизер, кој повеќе личи на играчка со оглед на големината на просторот, односно на направа која треба да излади максимални 5.000 луѓе во салата. Високата температура најверојатно е причина и за делумно откажување на новиот семафор закачен на кровот од кумановската сала, кому денеска официјално му е прв ден на работа. На една од средбите функционирал само на едната страна, додека останатите три останале „црни“, а беше набавен за повеќе од 150.000 евра.

Ова се проблеми кои кумановци мора итно да ги решат со оглед што веќе на 2 август ги чека далеку посериозен предизвик во претквалификацискиот меч на најдобрата македонска селекција против Романија.

ФОТО: Фејсбук