Тетовци веруваат во себе: Шкендија е клуб со традиција, секогаш играла добро против силни екипи

Македонскиот првак Шкендија утре го игра првиот натпревар од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите, против ФЦСБ од Романија.

Тетовци минатата недела го елиминираа ТНС од Велс, но сега ќе имаат многу потешка задача. Јасно е дека Романците се фаворити, ама во Шкендија сакаат да се претстават во што е можно подобро издание и да изборат добар резултат.

„Секако, го анализиравме противничкиот тим, тие веќе го почнаа домашното првенство, покрај тоа што одиграа два натпревара во европските купови. Зборуваме за многу квалитетен тим, со многу искуство, но ние сме подготвени да дадеме се од себе и да се обидеме да постигнеме позитивен резултат.

Првиот предизвик за нас беше да се избориме за овие натпревари со, какао што јас ги нарекувам, луксузни предизвици, бидејќи секој тим што игра во второто коло од Лигата на шампионите е многу силен и почитуван. ФЦСБ од Букурешт е и поранешен европски шампион. Но, фудбалот е убав и понепредвидлив, токму затоа што се случуваат и изненадувања. Ние мораме да бидеме цврсто на земја, мора да го почитуваме противникот, но во исто време, мора да се почитуваме себеси и нашата сила и тимот и историјата, бидејќи Шкендија е клуб со традиција и во европските купови и во првенството. Секогаш знаела да игра добро против силни тимови, па се надевам дека ќе одиграме добро и ќе ги задоволиме навивачите“, рече тренерот Јетон Беќири.

Слично размислува и албанскиот интернационалец Клисман Цаке кој е еден од најдобрите во овој тим на Шкендија.

„Атмосферата во тимот е одлилна, го остваривме она што го посакувавме иако беше малку тешко. Знаеме дека со ФЦСБ ќе биде многу потешко, тоа е голем клуб со богата историја, но тоа не нè плаши, туку нè мотивира повеќе. Ќе дадеме 100% и не треба да се занимаваме со тоа што се случува во противничкиот табор. Исто како тие што не знаат што се случува кај нас, така и ние не знаеме за нив“, рече Цаке.

Првиот натпревар од второто квалификациско коло меѓу Шкендија и ФЦСБ се игра утре од 21 часот на Градскиот стадион во Скопје.