Милер: Летово ќе видиме дали останувам во Баерн или ќе си заминам!

Германската ѕвезда и репрезентативец Томас Милер, кој има преку 500 меча за баварската гордост, најави дека летово по завршување на сезоната ќе се знае дали ќе остане дел од најтрофејниот германски клуб или ќе си замине.

Од поодамна се најавува можноста Милер да го напушти Минхен и да се пресели во некој друг клуб, а Манчестер јунајтед повеќе од една година се поврзуваше со неговото име. Но, Милер некаква разврска најави за летоска, зашто сега е концентриран исклучиво на фудбалот и на настапите и победите со Баерн.

„Веројатно ќе има одлука на еден или друг начин летово. Тимот не се составува според тоа кој добива најмногу овации од публиката, ниту кој е најубав, ниту кој има најмногу мечеви. Јас не ги сакам приказните дека на клубот му требам поради некој фактор, како на пример големи овации. Јас не сум во Баерн за да добивам овации, во Баерн секој фудбалер е дојден за фудбал и настапи. Никој не заслужил место во тим зашто е добар за маркетинг или ума убаво лице или не знам што. Во Баерн најважни се победите, а место се изборува со работа и добри настапи. Ако не можам повеќе да му помогнам на тимот и ако игра подобро без него, тогаш не сум потребен и тоа е во ред. Јас не се плашам ни од конкуренција, кога потпишував договори знаев дека секогаш ќе се соочам со конкуренција. На тренерот е да одбере кој е најподготвен. Наша работа е да бидеме секогаш во најдобра форма“, вели Милер.