Руските новинари се чудеа зошто го играме Витингтон кога го имаме – Бо Мекејлеб!

Невообичаено за тренер на гостинска екипа, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, доби многу прашања на прес-конференција по денешната средба против Русија, која нашите момци по голема борба ја загубија.

Дефинитивно најинтересно беше тоа за Лестер Мекејлеб, за кого руските новинари се интересираа зошто го нема во селекцијата. Тие сѐ уште го паметат генијалниот плејмејкер од ЕП 2011 во Литванија, кога за малку ќе ги шокиравме во борбата за третото место и ќе им го земевме бронзениот медал, со кој потоа многу се горедееја.

За претставниците на руските медиуми, кои и баш не делуваат премногу запознаени со моменталната кариера на Мекејлеб кој последниве две ипол сезони повеќе не игра отколку што игра, не е сфатливо да се ангажира Витингтон кога се има таков магионичар на располагање.

„Во моментов имаме неколку квалитетни домашни плејмејкери, додека најголемите проблеми ни се во играта под обрачите. Затоа нашето решение беше местото за натурализиран кошаркар да му го дадеме на центар од САД, позиција која во моментов ја пополнува Витингтон“, кусо одговори Тодоров.

Предводникот на националниот тим истовремено мораше да елаборира зошто во моментов кошарката не е спорт број еден во Македонија.

„Кошарката порано беше најпопуларна кај нас, но во последно време го губи приматот од ракометот, особено по фантастичните клупски успеси во низа. Сега имаме млад состав, но мислам дека јавноста и публиката го препозна нивниот квалитет и сигурен сум дека во иднина ќе имаме далеку поголема поддршка од досега“, дополни Тодоров.

Според правилата на ФИБА, секоја селекција има право на еден натурализиран кошаркар во составот од 12 играчи на секој натпревар.