Каевски ги отфрла обвинувањата, Димевски без демант само ја напаѓа обвинителката!

Поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, реагираа по повод поднесениот предлог за обвинителен акт од страна на Основното јавно овбинителство (ОЈО) за проневерени пет милиони евра.

Дарко Каевски ги отфрли обвинувањата од ОЈО како неосновани и тендециозно, тој тврди дека го нема прекршено законот во ниту еден случај.

„Ги отфрлам сите обвинувања на ОЈО кои ги сметам за неосновани и тенденциозни. Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже.
Очекувам и во исто време сум убеден дека во една јавна, транспарентна, фер постапка ќе се докаже вистината и целосна моја невиност. Ништо од ова нема основа и затоа што фактите покажуваат дека:
1. Ниту сум можел ниту сум влијаел, ниту сум поттикнувал било кој од Централната Комисија. Особено што е именувана од друг орган надлежен по Закон, на владина седница. Дополнително сите членови во своите изјави кажале дека не сум присуствувал на работа на комисијата ниту сум давал сугестии. Се е јасно.
2. Во делот на надзорот според тогашниот закон за спорт член 14е, извештајот се доставува до следната календарска година од добиените ваучери најдоцна до 15ти јуни или во конкретниот случај тоа е до 15.06.2021 година, период во кој што јас не сум директор на АМС.
Не навлегувам во мотивите на ОЈО да бидам опфатен со ваква постапка, постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања, но едно е сигурно вистината ќе се потврди. Дополнително на ова вештачењето е од 25.04.2024 година ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа“, вели Каевски во својата реакција.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски ја нападна обвинителката Лидија Раичевиќ и вели дека го очекувал таквиот нејзин чин.

„Денеска сум информиран дека од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ е поднесен обвинителен предлог против мене за наводно несовесно вршење на службата во својство на член на Централната комисија за ваучери во 2020 година.
За мене очекуван чин кој е круна на напорите на гореспоменатата обвинителка која истовремено отвори истрага и за одржаното Изборно Собрание на МОК како што и пројави посебен интерес за неколку останати спортови со посебен афинитет кон пливањето.
Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор  за понатамошни шпекулации и инсинуации.
На крај, моето совесно или несовесно работење е константно на увид и оценка на спортските федерации, клубови и спортисти кои најдобро знаат колку мерката ваучер и јас лично сум им помогнал во секоја прилика без исклучок. Затоа веројатно и ја уживам нивната безрезервна поддршка сето ова време.
Воедно сакам да информирам дека од Советот на јавни обвинители побарав да биде оценето постапувањето на обвинителката со детално образложение за непримерниот и непрофесионален однос спротивен на кодексот на обвинителската функција“, стои во реакцијата на Даниел Димевски.

Според ОЈО, Дарко Каевски, Даниел Димевски и Наумче Мојсовски, заедно со уште деветмина го оштетиле буџетот на Република Македонија за околу 5 милиони евра преку искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извришле распределба на средства наменети за спортистите.