ПАНИКА ВО МВР: Во Скопје доаѓаат над 2.000 од најжестоките ултраси на светот!

Македонската фудбалска репрезентација на 7 јуни ќе го пречека првиот фаворит во евроквалификациската група Полска, а покрај маките што црвено-жолтите ќе ги имаат за да ги запрат двајцата бомбардери Роберт Левандовски и Криштоф Пјонтек, поголем напор ќе има – македонската полиција. Според најавите во Скопје доаѓаат преку 2.000 навивачи на Полска, најголем дел ултраси, кои во тифо-светот важат за едни од најжестоките.

Полска на Националната Арена „Тоше Проески“ ќе има поддршка од 2.151 навивач на својата репрезентација и бројката е многу сериозна зашто речиси 90 отсто од овие навивачи се ултраси, а Полјаците во навивачкиот свет важат за едни од најопасните.

И поради најавеното гостување на Полјаците, во МВР владее вистинска паника, затоа што доаѓањето на гостинските ултраси може да донесе безброј проблеми во македонската престолнина.

Полските хулигани со години се во „топ десет“ на светот и сите се националисти, голем дел и фашисти, а во последно време се најгласни во антиемигрантските протести во Полска. Најгласни се и со поддршката за Србија, што во Скопје може да донесе проблеми со жителите од албанска националност. Паролите „Косово е Србија“ многу често се наоѓаат и на трибините, а и на улиците за време на разно-разни протести.

И токму поради ова, но и поради фактот дека во Скопје живеат голем број на Албанци, во МВР „глава ги боли“ за најавеното доаѓање на Полјаците и фактот дека може да ескалира насилство помеѓу воинствените ултраси и албанските навивачи во престолнината. Најмногу се стравува од фактот дека сите навивачи нема да дојдат организирано, туку дел ќе допатуваат со авиони, дел во приватна режија со автомобили, минибусеви и автобуси, што ја отежнува целата ситуација, зашто на секој чекор би можело да се случи некаков инцидент.

Тоа што МВР најмногу ги плаши е групи на хулигани да не тргнат во „прошетка“ по скопската чаршија, па потоа таму да се случат тешки инциденти. Сега се прави план како да се органичи движењето на гостите и тие да бидат под некаква контрола на потегот од кејот на Вардар, плоштадот Македонија и улица Македонија.

Но, проблем за полицијата е и фактот што Полјаците не трпат присуство на полиција во своја близина, па „бараат“ таа да е на пристојна дистанца, зашто близок контакт веднаш може да изроди хаос со припадниците на јавниот ред и мир.

Доаѓањето на Полјаците е сериозен тест за организација на мечот, пред сѐ надвор од стадионот, зашто во Македонија никогаш не гостувала побројна навивачка група која има озлогласено реноме и е доста проблематична. Дури ни гостувањата на англиските навивачи во минатото во Скопје не било толку проблематично, како сега со полските ултраси, поради реномето кое тие го имаат во навивачкиот свет во последните деценија ипол.

Неколкупати Полјаците во изминативе години направија проблеми на Балканот и тоа буквално од ништо. Во Србија се испотепаа со полицијата, за време на пауза на автопат. Во Сараево имаше војна во една населба во пресметки со домашните фанови, во Подгорица исто така имаше сериозни инциденти со полицијата.

Проблем за организација има и самата Фудбалска федерација (ФФМ), која ќе мора да направи посебен начин на спроведување на Полјаците на трибината, а фактот дека Арената нема влезови на страничните трибини, ќе треба да се прави „коридор“ за тие непречено да влегуваат и да нема метеж пред влезовите.