Епски дебакл на Баерн: Димитријевиќ остана без титула во Бундеслигата

Екипата на Алба е нов шампион на Германија откако во големото финале го совлада Баерн со 3-2.

„Мајсторката“ се играше денеска во Минхен, Баерн ги имаше сите услови да освои нова титула, но како и во четвртиот меч во Берлин, тотално колабираше во второто полувреме и ѝ дозволи на Алба да победи со 84-81. По 20 минути игра, „баварците“ водеа со 20 разлика (47-27) и требаше само да ја сочува големата залиха за да дојде до триумф.

И во третиот период беше истата разлика (52-32), а потоа Алба направи серија од 14-0 која со тројка ја прекина Ненад Димтиријевиќ. Се чинеше дека нема ништо од пресвртот кога пред крајот на таа четвртина Баерн отиде на 66-50, но драмата тукушто почнуваше. 

Гостите направија уште една долга серија, сега од 17-0 за водство од 67-66, нешто подоцна отидоа и на 82-76 и да ги решија сите дилеми околу победникот. Ова е прва титула за Алба по 2022 година и вкупно 12. во историјата со што се доближи на само две од рекордерот Баер Леверкузен.