Ибрахимовиќ и Анри ја запеаја навивачката химна на БиХ среде пренос во живо (ВИДЕО)
Двајцата се дел од стручниот тим на телевизијата „Фокс Спортс“ за следење на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, а интересниот момент се случи во најавата за натпреварот меѓу Канада и БиХ, кој се одигра во Торонто. Ибрахимовиќ започна со стиховите „I’m from Bosnia“, по што Анри се надоврза со „Take me to America“, предизвикувајќи насмевки кај присутните во студиото и бројни реакции на социјалните мрежи.
Посебна тежина на овој момент му дава фактот што и двајцата имаат силна поврзаност со БиХ. Таткото на Ибрахимовиќ, Шефик, потекнува од БиХ, додека Анри е во брак со Андреа Рајачиќ, која е родена во Сараево. Ибрахимовиќ и претходно јавно ја поддржа босанската репрезентација, изјавувајќи дека „босанска крв тече низ неговите вени“ и дека очекува добар настап на селекцијата на СП, но потоа и призна дека ќе навива за Хрватска на ова натпреварување.
Босанците настапот на Мундијалот го отворија со реми против Канада (1-1). За водство на БиХ погоди Јово Лукиќ во 21. минута, а конечниот резултат го постави Сајл Ларин во 78. минута.