Скандал на СП: Англичаните брутално ограбени – останале без опрема пред дуелот со Хрватска!
Според британските медиуми, возилата кои ја превезувале опремата кон тренинг-центарот на „Гордиот Албион“ биле ограбени пред пристигнувањето на тимот на селекторот Томас Тухел. Меѓу украдените предмети наводно има топки, копачки и друга тренинг-опрема, додека Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) сè уште утврдува што точно недостасува и колкава е причинетата штета.
На местото на настанот во петокот вечер интервенирала полицијата, која веднаш започнала истрага. Според првичните информации, две лица се уапсени под сомнение дека се поврзани со кражбата.
„Спроведуваме истрага за можна кражба на опрема од возило на една репрезентација која пристигна во Канзас Сити. Утврдено е дека недостасуваат одредени предмети. Истрагата е во тек“, соопшти портпарол на полицијата во Канзас Сити.
Англиската репрезентација треба да пристигне во градот денеска попладне, додека опремата била испратена неколку дена порано за да биде подготвено сè за почетокот на подготовките. Инцидентот може да предизвика дополнителни главоболки за Тухел пред првиот натпревар на Мундијалот. Англичаните турнирот го отвораат в среда против Хрватска, а првиот комплетен тренинг е закажан за утре (недела).