Второ засилување за „црвено-црните“: Вардар донесе голман од Брера
Во најтрофејниот македонски клуб доаѓа довчерашниот голман на Брера, Даниел Диковски кој со Вардар потпиша договор на три сезони. Од клубот веќе си замина Ведран Ќосеовски, додека Методија Велковски влезе во стручниот штаб како тренер на голманите, па „црвено-црните“ останаа само со Давор Талевски на голманската позиција.
Диковски имаше солидна сезона во тимот на Брера и покрај тоа што струмичкиот клуб испадна од Првата лига. Во неа, 19-годишниот голман запиша 14 настапи со вкупно 1.170 минути, прими 19 гола, а на четири меча ја сочува својата мрежа.
Вардар в понеделник ги почнува подготовките за новата сезона во која по подолго време ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите.