Дончиќ нема да игра за Словенија, ќе се бори за своите ќерки

Неколку часа откако официјално ја заврши сезоната во НБА, Лука Дончиќ објави дека нема да игра кошарка ни претстојното лето.

Тој го откажа својот настап за словенечката репрезентација во квалификациите за Светското првенство затоа што планира да помине повеќе време со своите ќерки и да води правна битка за нив и за старателството за нив. Тоа ќе биде негова главна преокупација од сега до почетокот на новата сезона во НБА.

„Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и тие секогаш ќе ми бидат на прво место во животот. Додека продолжувам да работам на заедничко старателство над моите ќерки, бев принуден да донесам тешка одлука меѓу патувањето и играњето за словенечката репрезентација и престојот со моите ќерки ова лето. За жал, ми беше исклучително тешко да ги видам во текот на изминатите осум месеци.

Дадов сè за да ја претставувам Словенија и разочаран сум што нема да можам да играм за мојата земја ова лето. Но, во моментов, моите ќерки и моите одговорности како татко се мој приоритет“, напиша Дончиќ во своето соопштение на социјалните мрежи.

Последен пат тој пропушти репрезентатицна акција во 2018 година кога неговиот тогашен тим Далас Маверикс му сугерираше да одмора, па не играше против Шпанија и Црна Гора. Словенија и без Дончиќ се наоѓа во исклучително поволна позиција во првата фаза од квалификациите за Светското првенство бидејќи е на првото место во својата група. Во јули ја очекуваат дуели против Естонија на гости и Шведска на домашен терен во кои ќе треба да освои бодови што се пренесуваат во следната фаза.