Вардар ја има првата меч-топка за титула, Шкендија нема право на грешка со Струга
Вардар се наоѓа во одлична форма во домашниот шампионат и денеска оди на нова победа против Силекс, која може да значи и освојување на титулата, доколку Шкендија не успее да победи против Струга.
Постои и друго сценарио во кое Вардар може да стане шапион, а тоа е да одигра нерешено против кратовчани, а Струга да ја победи Шкендија.
„Црвено-црните“ имаат шест бодови повеќе од тетовци на три кола пред крајот, а до крајот на сезоната ги чекаат дуели и против Струга на 17 мај и Шкендија на 23 мај.
Струга се надева дека може да го освои второто место на табелата, зашто има шест поени помалку од Шкендија, но денеска мора да победи во Тетово доколку сака да се надева на такво сценарио.
„Нѐ очекува дерби натпревар против многу квалитетен тим. Мислам дека ќе биде многу интересен меч и празник за сите љубители на фудбалот. Што се однесува до нас како екипа, можам да кажам дека подготвени го очекуваме овој дуел“, кажа Шабани.
Натпреварите во Првата лига денеска се закажани со почеток од 16 часот.