Нов скандал во Италија: Роки вршел притисок врз ВАР, отворена истрага!

Поранешниот италијански судија Џанлука Роки се наоѓа под истрага на обвинителството во Милано, поради наводни притисоци врз ВАР-судиите во изминатите две сезони.

Роки по завршувањето на судиската кариера во 2020 година доби функција во Фудбалскиот сојуз на Италија, каде беше задолжен за избор на судии за натпреварите во двата најсилни ранга на италијанскиот фудбал. Но, според сомнежите, токму таа позиција ја користел за влијание врз резултатите на натпреварите.

Обвинителството во Милано, предводено од Маврицио Асионе, отворило истрага против 52-годишниот Роки за криминално здружување и учество во спортска измама. Се тврди дека имал директно влијание врз судиите во ВАР-собата во последните две години.

Во јавноста веќе излегоа и информации за конкретни натпревари на кои наводно влијаел. Еден од нив е дуелот од 1 март 2025 година меѓу Удинезе и Парма. Додека судиите Даниеле Патерна и Симоне Соца расправале дали да се досуди пенал, Роки наводно извршил притисок за пеналот да биде потврден. 

Се претпоставува дека токму тој момент е клучен за сомнежите дека Роки директно влијаел врз одлуките на ВАР-собата.

Исто така, обвинителството ја истражува и неговата можна вмешаност во пропустот да не биде исклучен фудбалерот на Интер, Алесандро Бастони, на натпревар против Верона во сезоната 2023/2024.

Италијанските медиуми наведуваат дека истрагата може да се прошири и на уште неколку натпревари, особено на ситуации каде ВАР-одлуките повеќепати оделе во корист на одредени клубови, што дополнително ги засилува сомнежите за систематско влијание, а не за поединечни грешки.

Фото:EPA