Хаос во Херез: Маркез падна од мотоциклот и пак победи во спринт-трката!

Марк Маркез, кој вози за екипата на Дукати Леново, направи вистинско шоу во спринт трката на Големата награда за Шпанија во Херез – падна од мотоциклот, ама и покрај тоа дојде до победа!

Дождот целосно ја сврте трката. Маркез одлично стартуваше и водеше, но шест круга пред крајот следуваше хаос. Неговиот брат Алекс Маркез го презеде водството, а веднаш потоа почна да врне. Возачите почнаа да губат контрола, а и Маркез заврши на асфалтот. Сепак, тука почнува неговиот камбек – брзо се снајде, го подигна моторот и веднаш замина во бокс по гуми за дожд.

Токму таа одлука се покажа како клучна. Додека останатите се мачеа со условите, Маркез се врати на патеката и ја презеде контролата, па на крајот сензационално заврши пред Франческо Бањаја и Франко Морбидели. Главната трка за Големата награда на Шпанија од Мото ГП серијата се вози утре (недела) од 14 часот.