Удар за Анчелоти: Бразил за Мундијалот остана без еден од најважните во одбраната

Карло Анчелоти како што стојат работите нема да може да смета на Едер Милитао за Светското првенство кое почнува за нешто повеќе од еден месец.

Стоперот на Реал Мадрид, Едер Милитао, според информациите од Мадрид, ја обновил старата повреда поради која подолго време беше надвор од терените.

Новинарот Мигел Анхел Дијаз од „Кадена КОПЕ“ тврди дека речиси нема шанси дефанзивецот да се опорави до 11 јуни, кога започнува Светското првенство во Канада, Мексико и САД.

„Едер Милитао ќе мора да оди на операција поради нова повреда на задната ложа на левата нога. Му се отвори лузната од старата повреда која ја заработи во декември против Селта. За жал, ќе го пропушти Мундијалот“, изјави Дијаз.

Со оглед на тоа што мадридските медиуми се блиски до клубот, ваквите информации сериозно ги загрижуваат навивачите на петкратниот светски шампион. Сепак, Анчелоти ќе може да смета на други квалитетни решенија во одбраната, како што се Маркињос од ПСЖ и Бремер од Јувентус.

Светското првенство во 2026 година е закажано од 11 јуни до 19 јули.